Македонски (Macedonian)English (United Kingdom)
Напишано од Administrator
Петок, 11 Јуни 2010 15:30

Котелот во Штип

   Оваа недела, котелот во кој ќе се вари гравчето за Гинисовиот рекорд ќе биде поставен на плоштадот во Штип.
   Остана уште малку време до одржување на големата манифестација во малото штипско населено место Сарчиево. Оваа недела котелот ќе биде поставен на плоштадот во Штип, па така штипјани ќе имаат можност да го видат котелот во кој на осми август по традиционален македонски рецепт ќе се вари гравче во количина од 3450 килограми. Исто така, оние граѓани на Штип  кои сакаат да донираат финансиски средства, тоа може да го направат на лице место, каде што на еден од држачите на котелот има поставено каса или пак тоа да го направат на жиро-сметка која е испишана на самиот котел, односно за Гинисов рекорд 380138537503167 - Прокредит банка АД Скопје.
   Истиот ден, во Сарчиево, по повод верскиот празник Света Петка ќе се одржи осветување на обновената црква Света Петка и нејзината камбанерија. Во моментов се уште траат градежните работи околу црквата, па штипјани и тука може да учествуваат со свој доброволен прилог на жиро сметката за манастирскиот комлекс 380138537504137 - Прокредит банка АД Скопје. Инаку, откако котелот беше отстранет од плоштадот Македонија во Скопје, поставен е во скопската населба Маџари, пред објектот на приватната фирма Дасто, чиј соственик, Господинот Стојан Давчев е иницијатор и организатор на целокупната манифестација. Во Дасто завршија последните контроли на котелот, сега се чека на неговата преселба во Штип, а потоа во Сарчиево. На крај, нам ни останува да ве поканиме на големиот настан, а потоа сите заедно да пробаме од вкусното македонско гравче, прочуено во целиот свет.

 

Малото Сарчиево домаќин на светот

Ако ја посетите Италија, а да не јадете пица, е навистина голема штета. Кога би се шетале низ Швајцарија ред е да го пробате нивното на далеку познато швајцарско сирење. Во Белгија, тамошните жители би ви понудиле вкусно белгиско чоколадо. Да ја посетите Македонија, а да не го пробате македонското гравче, тогаш не кажувајте дека сте престојувале на балканскиот бисер.
Е, кога сме кај македонското гравче, тогаш е неизбежно да го споменеме и населеното место Сарчиево. Сега многумина од вас се прашуваат што има заедничко гравот и Сарчиево и каде се наоѓа ова населено место?
На 8-август оваа година во Сарчиево ќе се одржи манифестација од светски размери. Имено, во ова место ќе се вари грав во голем казан, изработен од инокс, со што ќе се направи обид да се сруши досегашниот Гинисов рекорд во варење грав. На овој настан ќе бидат присутни и официјални судии од Англија, кои ќе бидат надлежни за веродостојноста на количината на гравот во казанот, која ќе изнесува преку 3 илјади килограми и прогласувањето на постигнатиот успех.
Што е тоа што сарчиевци ги натера на ваков потег?

 

Сарчиево 08.08.2010

Многу места ширум Македонија традиционално ги негуваа старите обичаи, па така е и со Сарчиево. Во ова место традиционално на 8 август, на сам ден на верскиот празник Света Петка, се дели чорбесто гравче за ручек, па така сарчиевци решиле овој пат традицијата да ја направат во поголеми размери за што треба и целиот свет да дознае. Тука треба да се додаде и фактот дека самиот организатор, господинот Стојан Давчев како и неговите предци потекнуваат токму од Сарчиево.
На истиот ден, во Сарчиево ќе се одржи литургија, односно ќе се освети обновената црква Света Петка, како и нејзината камбанарија.
Инаку населбата Сарчиево се наоѓа на крајниот северен дел од општината Штип во средното сливно подрачје на реката Брегалница.
Селото е рамничарско со надморска височина од 335 метри. Од градот Штип, населбата е одалечена 15 километри.
Атарот зафаќа простор од 9,7 километри квадратни. На него обработливо земјиште зазема површина од 532 хектари, на пасишта отпаѓаат 397 хектари, додека шумско земјиште нема. Населбата е мала и е во фаза на раселување. Така, селото во 1961 година имало 235 жители, а во 1994 бројот се намалил на 54 жители. Со пописот од 2002 година, утврдено е дека во селото Сарчиево живеат 21 жител.
Средствата кои ќе бидат собрани од оваа манифестација од светски размери, ќе бидат наменети во хумани цели.
На крај, нам ни останува да ве поканиме на 8 август да присуствувате на двата настани во Сарчиево, а потоа да пробате од вкусното македонско гравче.
Добар апетит.

Последно освежено ( Четврток, 22 Јули 2010 09:56 )

Сарчиево со македонското гравче влезе во Гинис. Дали сметате дека ова е добра промоција на Македонија во светот?